Ќе се гради „Патека на бесконечноста“ во чест на жртвите од трагедијата во Кочани

На деветтата седница одржана вчера, Советот на Општина Кочани донесе одлука за поддршка на иницијативата за изградба на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63 ангели“, посветено на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.

Иницијативата, поднесена од Здружението „16 март 2025 Кочани“, беше усвоена едногласно со 19 гласа „за“.

Според одлуката, спомен-обележјето ќе се гради во Стариот парк, во централното градско подрачје, на просторот меѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“.

Со донесената одлука, Советот го овласти градоначалникот Влатко Грозданов, по итна постапка, да формира работно тело кое ќе работи на реализација на проектот, со цел спомен-обележјето да биде завршено до 16 март, кога ќе се одбележи една година од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.