До донесување на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата веднаш да се пристапи кон промена и дополнување на постојниот закон за културата во делот на одредбите со кои се регулира финансирањето на културата. Тоа е договорено на вчерашната средба на министерот Асаф Адеми со претставници на иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“.
Во работната група за промена и дополнување на постојниот закон за културата ќе се вклучи и член од иницијативата, соопшти Министерството за култура, посочувајќи дека министерот Адеми во целост се согласува со укажувањата на културната јавност за недостатоци во начинот на финансирање и оценување на годишните конкурси и ја поддржува иницијативата за интервенција во сегашниот закон, во меѓупериодот до донесување на новиот закон.
Договорено е да се утврдат строги критериуми кои би биле специфични по дејности. Министерот Адеми и претставниците на иницијативата се договорија на јавен и транспарентен начин да се извршат промени на старите категории по дејности и категоризацијата да се усогласи со европските и светските модели и практики за финансирање на културните активности, информира Министерството за култура.
Адеми ги информирал за веќе донесената одлука – дека комисиите по дејности ги преиспитуваат одбиените пријави и, во согласност со Законот за општата управна постапка, на субјектите кои доставиле пријави со формални недостатоци им се дава можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација.