„Ќе се стега рамката околу брзите кредити“, вели министерката Димитриеска-Кочоска

Во вечерашното издание на емисијата „Бизнис21“ на ТВ21, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска зборуваше за состојбата и регулацијата на брзите финансиските друштва во земјава.

„Во една банка максималната изложеност на едно физичко лице може да биде до 55% од примањата, додека кај овие финансиски друштва тоа е 70%. Законски е дефинирано што значи лично примање и дека треба да се побараат податоци од кредитното биро. Сега ги доредуваме сите овие работи,“ изјави министерката.

Таа нагласи дека во изминатата година е зајакната контролата врз овие друштва. „Две лиценци се одземени, четири прекршочни налози и глоби се констатирани. Имаме информации од терен. Се подготвува уште една прекршочна постапка за друштво со сериозни пропусти во пресметките и калкулирањето на трошоците, спротивно на законот,“ посочи Димитриеска Кочоска.

Министерката потенцираше дека целта не е директно затворање на компаниите, туку заштита на граѓаните. „Некои друштва веќе вратија повеќе од законскиот износ. Сега ќе добијат конкретни инструкции за исправување на пропустите. Многу внимание се посветува на ова и рамката околу нив ќе се стега,“ рече таа.

Димитриеска Кочоска истакна и дека финансиското разузнавање е вклучено преку механизмите за спречување перење пари, со цел откривање на индикатори за евентуални неправилности. „Законот им дозволува дел од средствата до 1.000 евра да се исплаќаат во кеш, но размислуваме како тој дел дополнително да се затегне,“ додаде министерката.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.