Со сведочење на ќерката на првообвинетиот Дејан Јованов, денеска во судницата во затворот „Идризово“ продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Рочиштето се одржува два дена пред навршувањето една година од почетокот на судскиот процес.
На претходното рочиште, вештото лице од Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, изнесе забелешки за методологијата и опфатот на вештачењата нарачани од одбраната на првообвинетиот. Тој оцени дека во нив има селективен пристап и изоставување релевантни факти, како и навлегување во области за кои, според неговото излагање, вештото лице се изјаснило дека нема стручност.
Обвинителството, пак, реагираше на предлогот за вештачење од Мирослав Грчев и на начинот на кој дел од одбраната планира да ги изведе доказите, оценувајќи дека постојат тенденции за одолжување на постапката.
Одбраната одговори дека редоследот на изведување на доказите и претходно бил менуван со согласност на странките и дека секоја одбрана самостојно ги определува својата теорија и начинот на застапување.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Процесот почна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по пожарот во „Пулс“. Во трагедијата што се случи на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.