Свет

Ким Џонг Ун: Војската мора да биде подготвена за вистинска војна

Ким Џонг Ун: Војската мора да биде подготвена за вистинска војна

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ја повика својата војска да биде подготвена за „вистински вооружен конфликт“, додека надгледуваше артилериски натпревар на неговите трупи, објавија државните медиуми во Пјонгјанг.

Неговите изјави доаѓаат во време кога Северна Кореја веќе испрати војници и оружје за да ѝ помогне на Русија во нејзината офанзива против Украина, која трае повеќе од три години. На снимката што ја емитуваше државната Корејска централна телевизија, може да се видат војници од артилериски единици како испукуваат гранати кон морето, пишува Индекс.

Ким беше виден како ја гледа вежбата преку двоглед од платформа за набљудување, опкружен со двајца воени претставници. Локацијата на натпреварот, одржан во среда, не е објавена. Според извештајот на Корејската централна новинска агенција, Ким ги повика војниците да бидат подготвени „за вистинска војна“ во „секое време“ и способни да „го уништат непријателот во секоја битка“.

Јужнокорејските и западните разузнавачки агенции претходно објавија дека Пјонгјанг минатата година испратил повеќе од 10.000 војници во рускиот регион Курск, заедно со артилериски гранати, ракети и ракетни системи со долг дострел. Според Сеул, околу 600 севернокорејски војници загинале во борбите на руска страна, а илјадници биле ранети.

За време на неодамнешните разговори со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, Ким ѝ понудил на Москва целосна поддршка за војната во Украина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни