Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, уверува дека нема доцнење во исплатата на капитациите за матичните лекари, кои се зголемени за 33 проценти, ниту пак во исплатата на надоместоците за породилно отсуство.
Клековски изјави дека исплатите за породилните отсуства и капитациите се реализираат редовно и континуирано. Според него, за месец ноември се исплатени повеќе од 6.600 породилни отсуства.
– Се прават анализи за тоа дали има заостанати исплати, бидејќи бројот на исплатени породилни отсуства варира од месец во месец. Во декември овозможивме поголем обем на исплати преку прераспределба во буџетот, со зголемување на позицијата за породилни отсуства и во Фондот и во Министерството за економија и труд. Ова е резултат на повисоките плати, а не на зголемен број новороденчиња – посочи Клековски.
Во однос на капитациите, тој потенцираше дека Фондот ги почитува роковите утврдени во договорите.
– Од јули 2024 година наваму има редовна исплата во рок од 60 дена од денот на доставување на фактурата. Исплатата за ноември, во износ од 493 милиони денари, е во тек. Ветеното зголемување на капитациите од 33 проценти е целосно реализирано – рече Клековски.
Тој исто така додаде дека во моментов се активни 948 договори за општа медицина, 972 за општа стоматологија и 149 договори со матични гинеколози.