Двајцата повредени при уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад се уште се во тешка, но стабилна состојба, јавуваат од Клиничкиот центар на Војводина, пренесува РТС.
Помина еден месец од несреќата на железничката станица во Нови Сад, кога при падот на настрешницата загинаа 15 лица, а двајца од повредените се уште се во болница. По овој повод се одржа протестна прошетка од Железничката станица до плоштадот Слобода. Насобраните 15 пати застануваа на патот кон Градското собрание и со едноминутно молчење им оддадоа почит на загинатите. На протестот, кој започна во 11:52 часот во близина на железничката станица, тие побараа отворање на сите тајни договори и разрешување на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ и премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.
Повредените, 18-годишен маж и 24-годишна девојка, се уште се во тешка, но стабилна состојба, информираат од Клиничкиот центар на Војводина, пренесува РТС.
