Македонија

„Кога дојдов МРТ немаше сопствена продукција, вестите ги ослободивме…“, рече новиот директор Ристовски

„Кога дојдов МРТ немаше сопствена продукција, вестите ги ослободивме…“, рече новиот директор Ристовски
Внатрешноста на зградата на МРТ / Фото: Ј. Пауноски / 4news.mk

Јавниот сервис е паднат на најниско ниво во изминатите 20 години, наоѓајќи се во сериозна хибернација и стагнација. Ова е признание на новиот директор на Македонската радио-телевизија (МРТ), Зоран Ристовски, кој отворено проговори за катастрофалната состојба во која ја наследува телевизијата.

Според Ристовски, МРТ во моментов се наоѓа на „последното ниво“ во споредба со медиумите од регионот, но и со домашните комерцијални телевизии. Кадровската слика е поразителна – бројот на вработени е драстично намален од 2.000 на едвај 600 лица, чија просечна возраст надминува 58 години. Условите за работа се опишани како катастрофални, до тој степен што, според директорот, „луѓето едвај чекаат да се пензионираат“.

„Сопствена продукција во телевизијата не постои. Техничката опременост е на катастрофално ниво. Во тек на емитување на програма се случуваат технички грешки поради застареност на техниката. Камерите на дописниците денес произведуваат слика полоша од онаа пред 30 години. Вестите веќе ги ислободивме, сега се во целосна продукција на МРТ, останува уште временската прогноза, но и тоа ќе го промениме од следната недела“, дециден е Ристовски.

Негова единствена цел за преземањето на функцијата е да го врати некогашниот сјај на јавниот сервис, бидејќи, како што вели, без силен јавен сервис не може да се зборува за силни медиуми во државата. Тој најави дека ќе се бараат грантови и решенија за да се подобрат основните услови, со цел „на вработените да не им се враќаат нозете кога доаѓаат на работа“.

„Анализираме и голем дел од проектите во копродукција ќе ги укинеме“, додади Ристовски.

Новиот директор на МРТ рече дека кога ја преземал функцијата телевизијата немала сопствена продукција / ФОТО: 4news.mk

МРТ најавува „македонски Нетфликс“: Ќе се спасува архивата стара 40 години, достапна со еден клик за сите

Богатата видео и аудио архива на Македонската радио-телевизија, која претставува непроценливо историско сведоштво за изминатите 40 години, конечно ќе биде дигитализирана. Новиот директор на МРТ, Зоран Ристовски, го најави овој чекор како еден од врвните приоритети на државата кој мора да се реализира веднаш.

„Тоа е доказ за еден сериозен период за сè што е правено во куќава на сите полиња. Ова е сериозен и поприлично скап проект, и веќе почнавме да бараме начин да добиеме поддршка од внатре и надвор“, истакна Ристовски.

Целта е целокупната архива да стане достапна за сите граѓани во земјата и за дијаспората преку модерна платформа. Ристовски најави развој на дигитален простор, своевиден „македонски Нетфликс“, каде преку еден клик ќе бидат достапни содржините на МРТ, но ќе се овозможи простор и за други телевизии и поткасти.

Неопходноста од дигитализација ја потврдува и фактот што МРТ речиси секојдневно добива барања од меѓународни продукции за користење на нивни материјали. Во моментов, телевизијата поседува ексклузивни снимки кои, поради застарените формати и недигитализираноста, не се достапни за светот.

Временската прогноза на МРТ во соработка со продукција Вертиго / ФОТО: 4NEWS.mk

Инфлуенсерите го „убија“ новинарството, но МРТ почнува офанзива: Преку 200 млади ќе се обучуваат за репортери

Интересот на младите за новинарската професија е драстично опаднат, а телевизијата како медиум ја губи битката со новите дигитални формати. Директорот на МРТ, Зоран Ристовски, алармира дека дури 80 отсто од младите воопшто не гледаат телевизија, а интересот за студирање новинарство е сведен на минимум, посочувајќи пример каде на факултетот се пријавиле само шест студенти.

Како главна причина тој ја гледа новата реалност во која мега ѕвездите, старлетите, инфлуенсерите и поткастерите функционираат квалитетно и добро заработуваат, создавајќи перцепција кај младите дека за медиумска работа не е потребно формално образование.

За да се спречи изумирањето на професијата, МРТ започнува сериозна офанзива за регрутација на нов кадар. „Направивме конкурс и обезбедивме добри едукатори. Имаме преку 200 пријавени кандидати. Со нив прво ќе се работи на терен и на монтажа, а потоа ќе се обучуваат за работа пред камери и микрофони. Ќе тренираме сериозна група на млади репортери и новинари, бидејќи без нив медиумите замираат“, најави Ристовски, додавајќи дека враќањето на интересот на младите кон медиумите е клучен предизвик.

Низ ходниците на МРТ наидовме и на емисиите наменети за дијаспората, односно грчки јазик. Новиот директор вели дека на вработените нозете им се враќаат назад кога помислуваат на МРТ. Работат во услови кои не се човечки. / ФОТО: 4news.mk

Крај на „стерилната“ програма: Се враќаат Детскиот хор и радио-драмата на МРТ

Програмската шема на Македонската радио-телевизија ќе доживее сериозна трансформација, напуштајќи ги досегашните стереотипи и прилагодувајќи се на потребите на модерната публика. Новиот директор Зоран Ристовски отворено признава дека јавниот сервис досега нудел „стерилна“ програма, која не соодветствува со брзината на денешното информирање.

„Младите не сакаат стерилни ТВ канали. Ние мора да се трансформираме и да ја прилагодиме програмската шема на она што го бара пазарот. За мене програмата на BBC е сè уште стерилна, додека италијанскиот RAI ни е најблизок модел. Динамиката на радиото е поприемчлива од спороста на телевизиите“, објаснува Ристовски.

Тој открива дека има многу идеи, од кои дури 50% сè уште не се ни ставени во официјалната програма. Меѓу првите конкретни чекори е заживувањето на култните брендови на МРТ кои беа заштитен знак за цели генерации – најавено е официјално враќање на Детската радио-драма, како и на Детскиот хор. Целта е МРТ да стане моторна сила која ќе ја размрда целата медиумска сцена во државата.

МРТ често се соочуваше во минатото и со технички проблеми / ФОТО: 4news.mk

Новинарите во МРТ ќе добијат повисоки плати за да бидат отпорни на влијанија, се чека финансиска ревизија

Зголемување на примањата на новинарската фела е еден од главните приоритети на новото раководство на МРТ, со цел да се обезбеди вистинска независност и отпорност кон надворешни влијанија.

На прашање на 4news.mk што ќе се случи со хонорарците кои со месеци остануваат без плата, новиот директор рече дека го решил проблемот.

„Веќе дадов наредба хонорарците да добиваат плата заедно со останатите редовно вработени“, додаде Ристовски.

Директорот Зоран Ристовски потенцира дека иако новинарите во јавниот сервис ги имаат можеби највисоките плати во споредба со колегите од комерцијалните телевизии, тие сепак не се на потребното ниво. „Покачувањето на платите на новинарската фела е една од моите цели. Новинарската професија мора да биде во целост неподлежна на надворешни влијанија“, истакна тој.

Точната финансиска состојба на МРТ сè уште се анализира за да се утврди што точно може да се реализира од планираните програми и желби. Како пример за финансиските предизвици со кои се соочува телевизијата, Ристовски го посочи примерот со телевизиските права за Светското првенство, каде понудата изнесувала огромни 2,6 милиони евра, иако таа цена, според неговите зборови, била четири пати пониска. Целосната финансиска ревизија треба да покаже со каков буџетски капацитет ќе располага МРТ во наредниот период.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни