Вашите права при патување со траект
Кога планираме одмор кој вклучува патување со траект, често размислуваме за дестинацијата, но ретко за нашите права како потрошувачи. Платформата „Ние, потрошувачите“ потсетува дека патниците имаат јасно дефинирани права во случаи на доцнење, откажување на линијата, изгубен багаж или инциденти по пат.
Откажување или доцнење на патувањето
Доколку траектот за кој имате резервација е откажан или доцни во поаѓањето, превозникот е должен да ве информира за новата ситуација веднаш штом има информации.
- Доцнење над 90 минути: Превозникот мора да ви понуди избор помеѓу враќање на парите (во рок од 7 дена) или пренасочување до крајната дестинација под слични услови и без дополнителни трошоци.
- Помош: При сериозно доцнење, превозникот е должен да обезбеди храна и пијалаци. Доколку е неопходно ноќевање, должен е да покрие трошоци за сместување до 3 ноќевања (до 80 евра по ноќ).
Право на паричен надомест (отштета)
Патниците можат да остварат право на отштета во висина од 25% до 50% од цената на билетот, во зависност од должината на доцнењето при пристигнување на крајната дестинација:
- За патувања до 4 часа, секој час доцнење дава право на 25% надомест.
- Исплатата треба да се изврши во рок од еден месец по поднесување на барањето.
- Важно: Превозникот не е должен да плати отштета ако доцнењето е предизвикано од лоши временски услови или виша сила.
Багаж и вредни предмети
Заштитата на вашиот багаж е ограничена со законски рамки:
- За оштетен или изгубен рачен багаж, надоместот е до 2.700 евра.
- За вредни предмети, надоместот е до 4.100 евра, но само ако биле депонирани на чување кај превозникот.
- Доколку ви е оштетена инвалидска количка или друго помагало, превозникот мора целосно да го покрие трошокот за поправка или замена.
Инциденти и повреди
Во случај на поморска несреќа (бродолом, судир, експлозија), патниците имаат право на сериозна отштета за претрпени повреди, која може да достигне до 490.000 евра. Предвидени се и авансни плаќања за покривање на итни потреби по несреќата.
Лица со попреченост
На лицата со намалена подвижност не смее да им биде одбиен превоз поради нивната состојба, освен ако постојат специфични безбедносни причини поврзани со дизајнот на бродот или пристаништето.
Како и каде да поднесете жалба?
Доколку вашите права се прекршени, можете да ги преземете следниве чекори:
- До превозникот: Поднесете поплака во рок од 2 месеци. Превозникот мора да одговори во рок од 1 месец.
- Национални органи: Контактирајте го надлежниот државен орган за сообраќај или центарот за заштита на потрошувачи.
- Мобилна апликација: Европската комисија нуди апликација „Your Passenger Rights“ каде во секое време можете да ги проверите вашите права на самото место.