Првата група израелски заложници беше ослободена денеска како дел од четиридневниот хуманитарен договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Според катарските власти, меѓу ослободените има 13 Израелци, 10 тајландски државјани и еден Филипинец.
Кабинетот на израелскиот премиер ги објави имињата на ослободените заложници, наведувајќи дека „израелската влада се залага за враќање на сите киднапирани и исчезнати лица“.
Нашите граѓани го поминаа првиот лекарски преглед, а нивните семејства се известени дека се вратиле“, стои во соопштението за медиумите, пишува Би-би-си.
Како што јавува Би-Би-Си, меѓу ослободените има и неколку жени во седумдесеттите години. Едната е 77-годишната Маргалит Мозес, која Хамас ја киднапираше од Кибуц Нир Оз, а другата е 72-годишната Адина Моше. Таа беше однесена во Газа на 7 октомври од нејзиниот дом, исто така, во Кибуц Нир Оз, откако Хамас го уби нејзиниот сопруг Саид Моше.
Ослободена е и 79-годишната Чана Пери. Нејзината ќерка претходно изјавила дека Чана и нејзиниот син Надав биле киднапирани од нивниот дом во Кибуц Нир Оз. Надав се уште е во заробеништво на Хамас. Вториот син на Чана, 54-годишниот Рои, беше убиен на 7 октомври.
Даниеле Алони и нејзината шестгодишна ќерка Емилија исто така беа ослободени како дел од договорот меѓу Израел и Хамас.
Тие беа киднапирани на 7 октомври за време на посетата со нивното семејство во Кибуц Нир Оз.
За време на нападот, 45-годишната Даниеле во својата последна порака до семејството рекла дека „во нивната куќа има терористи“ и дека се плаши дека нема да преживее.
На списокот на израелски државјани објавени од кабинетот на израелскиот премиер се Дорон Кац Ашер (34 години), Раз Ашер (четири години) и Авив Ашер (две години), Рут Мундер (78 години), Керен Мундер (54). години) и Охад Мундер (девет години), Хана Кацир (76 години), Јафа Адар (85 години).