Свет

Која е Ерика, сопругата на убиениот Чарли Кирк?

Која е Ерика, сопругата на убиениот Чарли Кирк?

Светот го шокираше веста за убиството на контроверзниот десничарски инфлуенсер Чарли Кирк. Кирк (31) е убиен со огнено оружје за време на гостување во Јута, а по сторителот, кој сè уште не е идентификуван, во тек е опсежна полициска потрага.

Покрај неговата активност на социјалните мрежи и во организацијата Turning Point USA, која ја основал на 18-годишна возраст со цел ширење на конзервативни вредности, Кирк беше сопруг и татко. Зад себе ја остави сопругата Ерика Кирк, тригодишна ќерка и едногодишен син. Неговата сопруга само неколку часа пред убиството објави загатлива порака на социјалната мрежа Х.

Неколку часа пред трагедијата, Ерика цитираше од Библијата: „Псалм 46:1 – Бог ни е засолниште и сила, секогаш присутна помош во неволја“. Нејзината објава собра повеќе од половина милион лајкови, што се толкува како знак на поддршка во овие тешки моменти.

Ерика Кирк, родена Францве, вдовица на Чарли Кирк, е победничка на изборот за Мис Аризона 2012 и поранешна актерка. На својата официјална страница се опишува како „општествена претприемачка и жена со длабока вера, чиј живот е обликуван од нејзините глобални искуства и непоколеблива посветеност на целта“.

Покрај тоа што води сопствен подкаст и модна линија PROCLAIM, инспирирана од верата, Ерика секогаш нагласува дека семејството и бракот ѝ се на прво место. „Над сè, Ерика ја цени својата улога како сопруга на Чарли Кирк и мајка на нивниот драгоцен син и ќерка“, стои во нејзината биографија.

Во објава на Инстаграм во 2023 година, Ерика откри детали за нивниот прв состанок. „Пред пет години на денешен ден седевме во Bills Burgers во Њујорк, длабоко во разговор за теологија, филозофија и политика, а на крајот ти застана, ме погледна и ми рече: ‘Ќе излегувам со тебе’… Излегувањето со намера за брак е многу различно од излегувањето ‘да видиме каде ќе води’. Нека Бог ја напише вашата љубовна приказна“, напиша тогаш. Двојката се вери 2020 година, а се венчаа една година подоцна.

Чарли, пак, се присети на нивната прва средба: „Имавме многу, многу долга вечера, која беше речиси како интервју. Ќе се насмеете, но апсолутно треба да го интервјуирате вашиот сопружник“, рече во видео од Turning Point USA.

Во еден од заедничките видеа, Ерика го опиша Чарли како свој „најдобар пријател“, нагласувајќи ја важноста на довербата. „Мора постојано да вложувате во доверба еден кон друг, дека сте во истиот тим. Да се поддржувате еден со друг. Да се сакате еден со друг. Да не се поткопувате еден со друг“, изјави таа. Чарли додаде: „Ќе кажам, жените треба да бараат мажи кои имаат самоконтрола, а мажите треба да бараат жени кои се подготвени да се потчинат, суштински нефеминистички жени.“

Парот има две деца – ќерка и син. Нивните имиња не се познати на јавноста, бидејќи родителите одлучиле да ја заштитат нивната приватност и да ги држат подалеку од медиумите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни