Собраниската Комисија за финансирање и буџет на денешната седница ги изгласа и ги испрати на натамошна постапка измените и дополнувањата на Законот за буџети и Законот за експропријација, по скратена постапка.
Комисијата позитивно се изјасни и по Предлог-законот за гаранција во врска со обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за фотонапонска електроцентрала „Битола 3“, како и за дополнително финансирање на Проектот за ревитализација на хидроелектрани.
Со измените на Законот за буџети се врши усогласување на одредбите со системските правила од Законот за административни службеници. Вработените во стручната служба на Фискалниот совет ќе го добијат својот статус, плати и надоместоци согласно законските прописи, а членот 11-а се брише заради целосно усогласување со системското уредување на платите. Дополнително, се одлага примената на Законот за буџети до 1 јануари 2028 година поради воспоставување на интегриран информационен систем за управување со јавните финансии.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, поднесен од пратениците Тони Јаревски и Петар Ристески, внесува појаснувања во одредбите на законот и нивно усогласување со прописите од областа на урбанистичкото планирање, со цел полесна и појасна примена на законот.
