Иако банкарскиот сектор во Македонија е профитабилен и ликвиден, сепак парите тешко стигнуваат во рацете на малите и средните компании, вели Јанмат Фрик, раководител на проекти од ЕУ за Северна Македонија. Тој воедно ги објасни причините за, како што рече, проблематичната појава.
„Една од проблематиките тука е што малите и средните претпријатија често немаат капацитетот за да изготват добри бизнис планови, што за банките може да биде малку ризично и скапо – да им дадат финансии на малите и средните претпријатија, поради релативно скапиот процес и трансакциони трошоци, што се поврзува со мала заработка“, изјави Јанмат Фрик – раководител на проекти од ЕУ за РСМ.
За подобрување на оваа состојба, Европската унија и Европската банка за обнова и развој преземаа нова иницијатива за грантови и комбинирани кредитни линии. Па така, три домашни банки ќе поделат 36 милиони евра, кои понатаму ќе им пласираат кредити на компаниите.
Доколку некој сака да подигне кредит од 1 милион евра, ќе добие грант од 150 илјади евра, а ќе треба да врати 850 илјади евра, објасни вицепремиерот Анѓушев. До денеска, ЕБОР во Македонија инвестирала проекти во вредност од 1.87 милијарди евра.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ