Македонија

Комплетно реновирани шест хируршки сали на ТОАРИЛУЦ

Комплетно реновирани шест хируршки сали на ТОАРИЛУЦ

Шест хируршки сали на Одделот за хирургија на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентниот центар (ТОАРИЛУЦ) се комплетно реновирани, соопшти денеска министерот за здравство, Азир Алиу. Тој додаде дека во наредниот период ќе бидат обновени уште четири сали, со средства од Владата, со што вкупната инвестиција за обнова на 10 операциони сали изнесува 282 милиони денари, односно над 4,5 милиони евра.

Министерот истакна дека новите сали имаат светски стандарди, инфраструктура со гаранција од 100 години, како и мобилни можности за телемедицина. Ова ќе овозможи надворешна асистенција и далечинско учење, така што студентите ќе можат да следат дел од операциите без да бидат физички присутни во салите.

Директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџаноски, рече дека проектот бил реализиран во две фази за да не се запре работата на терцијарното здравство. Дел од хируршките гранки кои работеле во реновираните сали биле префрлени на страната на старите сали, што овозможило да се одржи динамиката на операциите и да не трпат листите на чекање, и покрај големиот притисок врз клиниките.

Д-р Мерџаноски најави дека во проектот е вклучена и нова хируршка сала во Ургентниот центар, која ќе овозможи зголемен број на еднодневни операции, како и безбедно изолирање на пациенти со инфекции или потреба од ампутации, без да се загрозат другите пациенти кои се оперираат.

„Сега овие пациенти ќе бидат третирани во посебна сала, целосно изолирани од останатите, со што се зголемува безбедноста на сите пациенти“, нагласи д-р Мерџаноски.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни