Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги ставија под лупа кујните во училиштата и градинките низ државата, при што утврдиле низа недостатоци, изрекле парични казни и уништиле вкупно 83 килограми храна. Во текот на септември, биле спроведени 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
Во градинките, инспекторите издале девет решенија со наредби за отстранување на утврдените недоследности. Главните проблеми биле:
Незадоволителна хигиена во кујните на две градинки.
Една градинка не спровела задолжителен здравствен преглед на вработените во кујната.
Поради овие пропусти, изречени се парични казни за три градинки, а уништени се 24 килограми храна поради несоодветно чување.
Во училиштата, од 23 извршени контроли, незадоволителни услови биле констатирани во една училишна кујна, додека во две кујни имало отстапки од добрата хигиенска пракса. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна. За утврдените неправилности во училиштата, АХВ изрекла една парична казна и издала пет решенија со наредби за корекција.