Костадинов ги отфрла обвинувањата за јавната набавка на електричните автобуси во Струмица

Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, ги отфрли наводите за сомневање за сторено кривично дело во врска со јавната набавка на електричните автобуси во општината.

Во својата објава на Фејсбук, Костадинов истакна дека проектот, кој го оцени како стратешки важен за Струмица, е инициран од Општината, изгласан од Советот на општината и спроведен со јасни насоки за формирање на Јавното Сообраќајно Претпријатие и имплементација на јавната набавка. Тој додаде дека проектот во пракса веќе носи економски, еколошки и сообраќајни придобивки за жителите на Струмица.

„Верувам дека сите чекори се спроведени согласно важечките закони. Лично јас, а се надевам и сите други лица за кои постои сомневање, сме на располагање на надлежните органи и институции за да се појасни начинот на спроведување на проектот кој денес беспрекорно функционира во пракса“, рече Костадинов.

Тој потенцираше дека политички коментар не сака да дава.