Македонија

Костадинов не ја исклучува независната кандидатура за Струмица: „Да, можно е“

Костадинов не ја исклучува независната кандидатура за Струмица: „Да, можно е“

Актуелниот градоначалник на Струмица и истакнат член на СДСМ, Костадин Костадинов, во јавна објава на својот Фејсбук профил изјави дека не ја исклучува можноста да се кандидира како независен кандидат за прв човек на општината на претстојните локални избори.

„Да, можно е, но оваа одлука не е конечна – ова е мисла во зачеток“, порача Костадинов, нагласувајќи дека евентуалната негова независна кандидатура не е избор за слава, туку одговорност пред граѓаните.

Според него, последниве денови добивал стотици пораки, повици и разговори од граѓани, пријатели и поддржувачи со едно исто прашање – дали ќе се кандидира самостојно.

„Не можам да молчам пред оваа енергија што ја чувствувам од граѓаните“, напиша тој, додавајќи дека веќе разговара со народот на терен, со граѓански здруженија, партии, чесни социјалдемократи и луѓе кои, како што вели, тешко дека ќе се најдат на новите советнички листи.

Костадинов потенцираше дека не сака да им наштети на луѓето со кои го делел и доброто и тешкото, но истовремено подвлече дека не може да премолчи пред очекувањата и барањата на неговите сограѓани.

„Одлуката ќе ја соопштам јавно за неколку недели – и таа ќе биде остра, конечна и целисходна. Зашто кога одговараш пред народот, мораш да бидеш подготвен не само да победиш, туку и да ја носиш победата со чест“, напиша Костадинов.

Во заклучокот, побара трпение и разбирање од јавноста, и порача: „До тогаш, продолжуваме со народот, со идејата, со Струмица.“

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни