Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски потврди дека Обвинителството води предистрага за вработени во Управата за јавни приходи (УЈП), како и во други институции, за десетина кривични дела поврзани со пожарот во дискотека „Пулс“ во Кочани.
Коцевски изјави дека завршувањето на обвинението не значи дека завршила и целата постапка за пожарот, додавајќи дека податоците објавени од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) не се нови и дека сите пораки се веќе доставени до одбраната и до судот.
„Јавното обвинителство уште од почетокот постапува по поднесена кривична пријава. Има отворена предистражна постапка во однос на сите останати институции, вклучувајќи и инспектори во УЈП. Постапката сè уште трае и не е завршена“, рече Коцевски.
Тој додаде дека постапката за друг предмет поврзан со пожарот во „Пулс“, што го води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) против 13 полициски службеници, се одвива побавно бидејќи постапува само еден јавен обвинител. Тој истакна дека сите рокови се запазени и дека предметот ќе заврши наскоро.
Прашан за изјавите на премиерот Христијан Мицкоски во врска со документарниот филм на ИРЛ, Коцевски рече дека не сака да навлегува во политички коментари. „Политиката е една работа, работата на Јавното обвинителство е сосема друга. Јас и понатаму ќе работам чесно и законито, а другото го оставам на политичарите“, истакна тој.
ИРЛ објави документарен филм со наслов „Нашиот морален компромис“, кој содржи снимки и сведоштва од родители на загинати и лица кои биле во објектот, како и разговори меѓу сопствениците на дискотеката и инспектори на УЈП.