Зоран Заев ја предаде функцијата на новиот премиер на Северна Македонија Димитар Ковачевски, кој со еден од најголемите проблеми ќе се соочи веќе утре на средбата со неговиот хомолог Кирил Петков.
„Намерата е и негова и моја да разговараме за иднината, за проекти кои значат подобар живот на граѓаните на двете држави. Доминантно утре ќе разговараме за воспоставување на разговори на теми кои се од областа на економијата, инфраструктурата, образование, иновации“, рече новиот премиер на РСМ по посетата на претседателот Стево Пендаровски.
Новиот вицепремиер за европски прашања вели дека не е работа на Северна Македонија да кажува какво малцинство има во Бугарија.
„Изјаснувањето и дефинирањето на тоа каква етничка заедница егзистира во било која од државите во регионот е не би било во овој момент продуктивно, ние се водиме од европските принципи и од европските практики и така ќе остане“, изјави новиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ.
Пред доаѓањето на Кирил Петков во Скопје, Ковачевски се сретна и со амбасадорката на САД во Северна Македонија.
„За САД односите меѓу двете земји како најблиски соседи и сојузници во НАТО е од исклучителна важност и дека од посебно значење е брзото решавање на клучните прашања кои ќе го овозможат континуитетот на процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ“, рече амбасадорката на САД во РСМ, Кејт Мари Брнз.
Германската државна министерка за Европа која е во посета на Скопје, даде поддршка на процесот.
„Се надевам дека ќе успееме наскоро да постигнеме исчекор и да се започне првата меѓувладина конференција. Важно е билатералните прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија кои постојат билатерално да бидат решени. Јас сум оптимист што се однесува до сигналите од Бугарија“, изјави германската државна министерка за Европа, Ана Лирман.
Петков му честиташе на Ковачевски, со надеж за работа на нов конструктивен дијалог и разбирање во интерес на билатералните односи.