Популизам со човечкиот живот во Македонија. Вака во една реченица може да се опише актуелната игра и префрлање на топката меѓу Владата, Министерството за здравство и Фондот.
Зошто премиерот Димитар Ковачевски требаше јавно да му посочи на Министерот Беким Сали да размислел дали можел да го продолжи својот мандат? Зошто вчера требаше да гледаме театар, наместо Ковачевски итно да го разрешеше Сали.
„Јас сум станат денес веројатно најрано откако сум вработен, скоро 23 години. За мене навистина е тажен ден. Не само за семејството на Благојче кое не го знам, туку и за целата земја. Благојче се бореше до последниот ден со оваа ужасна болест. Тоа е херојска борба. Но за жал на самиот крај, неговото тело не издржа. Најтажно од се е што најверојатно неговата смрт е прерана и можевме да направиме повеќе за да му го продолжиме животот. И можевме уште малку да ја одложиме агонијата на неговото заминување“, кажа Ковачевски.
Премиерот дури вчера зборувал со директорите на Клиниките каде има и други пациенти на кои им е потребен лекот Трикафта. Каде беше досега премиерот? Не знае дека неколку пати досега семејства протестираа и молеа пред Министерството за здравство. Молеа за лек, молеа за живот.
Од Кабинетот на претседателот Пендаровски, велат дека претседателот Пендаровски искрено сочувствува со семејството на починатиот Благојче Илиевски.
Точно е дека претседателот Пендаровски има одржано не една, туку повеќе средби со здруженијата на граѓани болни од цистична фиброза на нивно барање. И не само со нив, туку и со многу други здруженија на граѓани во кои членуваат или работат со граѓани од ранливите групи, истакнуваат од неговиот Кабинет.
„Секогаш и безусловно претседателот и Кабинетот се заложуваат да решат што повеќе системски проблеми што ги имаме во нашата држава независно што не спаѓаат во неговите надлежности. Во однос на обезбедување на лекот ’Трикафта‘, претседателот Пендаровски, како и членовите на неговиот Кабинет, имаше комуникација и даде повеќе предлози до надлежните институции: Владата, министерот за финансии, министерот за здравство и до менаџерскиот тим на Фондот за здравствено осигурување за тоа како и од каде да се обезбедат средства за набавка на лекот“, потенцираат службите на Пендаровски.
Додаваат дека претседателот Пендаровски, смета дека државата треба да најде начин, кој е најсоодветен, за да се набави лекот „Трикафта“ веднаш.