„Козле“ е преполна, 80 деца се со пневмонија – грипот „коси“

Силниот бран на сезонски грип ги преполни болничките капацитети непосредно пред новогодишните празници. Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ работи под полна пареа, а лекарите предупредуваат дека сликата е сериозна.

Дневно низ амбулантите на „Козле“ поминуваат и до 250 деца, а болничките кревети се речиси целосно пополнети.

Се вчитува...
  • 80 деца се задржани на болничко лекување со дијагностицирана пневмонија.
  • 5 деца се на кислородна поддршка поради тешката клиничка слика.
  • Пациентите се од сите возрасти – од доенчиња до деца на школска возраст.

Симптоми кои „буткаат во кревет“

Педијатарот д-р Мирјана Поповска објаснува дека овогодинешната инфлуенца е агресивна и веднаш ги соборува децата, за разлика од обичните настинки.

„Децата најчесто доаѓаат со многу висока фебрилност, инфлуенцата дава 40 па и до 41 степен. Потоа се надоврзува општа омалаксаност и болки во мускулите. Децата ако имаат обична вироза најчесто играат, но грипот ги бутка во кревет“, вели д-р Поповска.

Таа предупредува дека грипот знае брзо да направи компликации во долните дишните патишта и масивен пневмоничен напад.

Кога веднаш да се оди на лекар?

Лекарите апелираат родителите да не креваат паника за секоја температура, но будно да ја следат состојбата.

  1. Прва помош дома: Мирување, многу течности за рехидратација и средства за намалување на температурата (парацетамол).
  2. Црвен аларм: Лекарска помош е задолжителна ако забележите тешко дишење, прогресивна кашлица или „глад за воздух“.

Слична е состојбата и на Клиниката за детски болести во Скопје, каде се хоспитализирани 130 деца со различна патологија. Медицинските тимови очекуваат бројот на заболени од респираторни инфекции дополнително да расте во наредниот празничен период.