Македонија

КРАХ НА ТЕКСТИЛНИОТ СЕКТОР ВО КОЧАНИ: Над 100 семејства остануваат без егзистенција, конфекцијата „Артекс“ стави клуч на врата

КРАХ НА ТЕКСТИЛНИОТ СЕКТОР ВО КОЧАНИ: Над 100 семејства остануваат без егзистенција, конфекцијата „Артекс“ стави клуч на врата

Со солзи во очите, во паника и пред портите на фабриката каде поминале децении – вака изгледаше денешниот ден за над 100 вработени во конфекцијата „Артекс“ од Кочани. Фирмата се затвора ненадејно, оставајќи ги работниците на улица, без исплатени плати и без јасна иднина.

„Каде да одам по 25 години работа?“

Работниците, видно вознемирени, сведочат за хаотичниот начин на кој им било соопштено дека остануваат без работа. Многу од нив се со нарушено здравје по долгогодишниот стаж во погоните.

„25 години работам тука, со две операции сум. Сега сум на улица, немам ништо. Каде да одам? Ми должат две плати и К-15. Од денеска не ме следува ништо,“ вели една од револтираните работнички низ солзи.

Спорни решенија и притисок за „спогодбен отказ“

Најголемиот револт кај вработените предизвикува начинот на кој им биле врачени решенијата за прекин на работниот однос. Тие тврдат дека биле принудувани да потпишуваат спогодбени откази, со што го губат правото на паричен надоместок од Агенцијата за вработување (бирото).

  • Ненадејно соопштение: Директорот се појавил во 14:30 часот и само соопштил дека фирмата се затвора.
  • Игнорирање на законските рокови: Додека работниците имаат обврска да најават отказ еден месец однапред, раководството ги известило за затворањето во рок од само неколку минути.
  • Нерегуларности со придонесите: Дел од вработените тврдат дека со години не им биле подмирувани придонесите за пензиско и здравствено осигурување.

Раководството недостапно за коментар

Како што пренесува Телевизија Кочани, одговорните лица од „Артекс“ до овој моменти се недостапни. Обидите на новинарите да стапат во контакт со менаџерскиот тим за да добијат одговор зошто фирмата се затвора на ваков начин и кога ќе бидат исплатени заостанатите плати, останале безуспешни.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни