Крај на една ера во Унгарија: Орбан падна од власт по 16 години – „демонтирањето на системот нема да биде лесно“

Најважните овогодишни парламентарни избори во Европската Унија, вчерашните во Унгарија, завршија со голема победа на опозициската партија ТИСЗА и нејзиниот лидер Петер Маѓар, односно со тежок пораз на Фидес и заминување на Виктор Орбан од власта по 16 години.

Според резултатите, од 199 места во парламентот, ТИСЗА ќе има 138, Фидес 55, а крајно десничарската партија „Наша татковина“ (Mi Hazánk) шест. Изборите ги одбележа рекордна излезност од дури 80 отсто, а партијата на Маѓар освои двотретинско мнозинство, кое претходно го имаше Фидес, пишува Н1.

Што ги поттикна Унгарците на промена?

Политичкиот аналитичар Јарослав Пецник смета дека изборните резултати пред сè говорат за расположението на гласачите. „Вака високата излезност најмногу зборува за желбата на поголемиот дел од Унгарците за промени, бидејќи очигледно, од различни причини, станаа незадоволни од Орбан. Мислам дека и конечниот резултат од изборите повеќе зборува за таа желба на Унгарците за промена, отколку за самата кампања и ветувањата на Петер Маѓар“, вели Пецник.

Тој напоменува дека некои пред изборите велеле дека Унгарците ќе „бираат меѓу поголемото и помалото зло“. „Унгарците очигледно не го сфатија тоа така, туку како избор меѓу затвореното и параноично општество на Орбан кое стравува од мигранти, од една страна, и ’враќањето‘ на Унгарија во Европа, од друга страна. Мислам дека едноставно видоа како нивното општество оди во погрешна насока. Додека животниот стандард им беше колку-толку добар, Орбан им беше во ред. Не им пречеа премногу неговите политички бравури и војната со Брисел. Но, кога на сопствениот џеб го почувствуваа падот на стандардот, а тоа траеше наназад три-четири години, практично во целиот последен мандат на Орбан, тогаш на виделина излегоа и разни други работи“, смета Пецник.

Клучна поддршка од селата и од младите

За победата на ТИСЗА на Маѓар, тој ја смета за пресудна поддршката која ја доби во провинцијата, но и меѓу младите. „Очигледно младите, кои инаку е тешко да се извлечат на гласачките места, излегоа во голем број. Колку што за Маѓар беше пресудна поддршката од селата, мислам дека барем толку беше пресудна и поддршката од младите.“

На прашањето дали со овој пораз Орбан е политички отпишан, Пецник одговара негативно. „Не, не. Тој е многу способен политичар и не треба да се отпишува. Тоа се гледа и по тоа што многу брзо го призна поразот и му честиташе на противникот. Но, потсети и на тоа дека два и пол милиони гласачи му дадоа глас на Фидес. Тоа е голем број и Орбан и понатаму има значителна поддршка.“

„Демонтирањето на системот нема да оди лесно“

Маѓар во победничкиот говор повика на помирување, но побара и оставки од челниците на државните и правосудните органи, вклучувајќи ги и претседателите на Врховниот и Уставниот суд. Пецник е скептичен дека тоа ќе се случи. „Претпоставувам дека тие нема да го сторат тоа бидејќи се играчи на Орбан и нема лесно да се откажат од позициите. Сега следи процедура на враќање на старо и укинување на сите закони со кои Орбан целосно ја промени структурата на државната управа, правосудството, економијата, медиумите. Демонтирањето на тој систем не оди преку ноќ и нема да оди лесно.“

Прашање е, вели тој, и колку Маѓар воопшто е подготвен да оди далеку со реформите. „Мислам дека ќе се согласи на суштинските барања на Брисел, како деблокада на средствата за Украина, но ќе видиме за други работи колку ќе оди далеку. Дали во неговата канцеларија, како кај Орбан, на ѕидот ќе виси картата на ’Голема Унгарија‘ или ќе ја тргне на пристоен начин. Тоа би била порака за тоа што Маѓар навистина мисли. Секако, тоа нема да биде ниту единствениот ниту најважниот показател, но ќе биде симболична легитимација на новите односи“, вели Пецник.

Последици за соседството и европската десница

Отворено е и прашањето колку заминувањето на Орбан од власта ќе влијае на земјите во регионот врз кои изминатите петнаесетина години го ширеше своето влијание. „Тој самиот се фалеше дека неговата политика била ’трампизам пред Трамп‘, а факт е дека Будимпешта во последните десетина години беше место за поклонение. Како што некогаш комунистите одеа во Москва да му се поклонат на советското водство, така и конзервативната политичка елита доаѓаше да му се ’поклони‘ на Орбан. Марин Ле Пен, германската АфД, Герт Вилдерс и сличните беа тесно поврзани со него. Затоа и неговиот пораз ќе има одраз врз нив.“

Пецник смета дека Маѓар ќе мора да спроведе ревизија на односите со соседите, што најмногу ќе се почувствува во Србија. „Моделот на масовна излезност на унгарските избори може да биде показател за луѓето во Србија. Мислам дека со поразот на Орбан, на Вучиќ водата му дојде не до устата, туку до ушите и тој многу внимателно ќе мора да го следи развојот на настаните во Унгарија. Најмалку губењето на моќта на Орбан ќе се почувствува во Словачка. Тамошниот премиер Роберт Фицо најмалку беше врзан за него. Тој е повеќе свртен кон Андреј Бабиш во Чешка и Јарослав Качињски во Полска“, заклучува Пецник, додавајќи дека во Унгарија сепак не треба да се очекуваат пребрзи промени додека граѓаните не почуствуваат економско подобрување.