Групите „Патриотс“ и „Левица“ во Европскиот парламент вечерва на полноќ ќе поднесат два одделни предлози за повторно гласање за недоверба на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, што би значело дека гласањето за опстанокот на Комисијата би можело да се одржи уште во октомври.
Потезите на крајната десница и крајната левица, само неколку часа откако фон дер Лајен го одржа својот говор за состојбата на Унијата пред Европскиот парламент во Стразбур, доаѓаат само два месеци откако Европската комисија и нејзиниот претседател ја добија поддршката од пратениците на гласањето за недоверба во јули, објавува „Политико“.
Фон дер Лајен и Комисијата би биле принудени да поднесат оставка доколку некој од предлозите помине, иако тоа е малку веројатно, бидејќи имаат поддршка од мнозинството пратеници.
Предлогот на „Патриотс“, кој го виде „Политико“, тврди дека ЕУ е послаба од кога било поради континуираниот неуспех на претседателката на Комисијата да се справи со бројните предизвици.
Предлогот на левицата ја критикува трговската политика на Комисијата, но става поголем акцент на критикување на Европската комисија за нејзиниот неуспех да одговори на војната на Израел во Газа.
Парламентарните правила бараат предлогот за гласање недоверба да биде потпишан од 72 европратеници, два месеци по претходното гласање, во спротивно се потребни 144 потписи.
Претходното гласање за недоверба беше на 10 јули, што значи дека групите можат да поднесат предлог со 72 потписници не порано од полноќ во среда.
Планот е сепак предлогот да се поднесе што е можно порано, изјави портпаролот на Левичарската партија, Томас Шенон, додека функционер од групата „Патриот“, исто така, потврди дека тоа ќе се направи на полноќ.
За да го стават предлогот на дневен ред, тие мора да испратат е-пошта до претседателот на Европскиот парламент со текстот и потписите.
Откако ќе се поднесе предлогот, правната служба мора да ги потврди потписите и, доколку сè оди според правилата, дебатата и гласањето за недоверба на Европската комисија би можеле да се одржат најрано во октомври.