Кремљ денеска ја критикуваше економската војна на САД со Русија. Критиките уследија по одлуката на Вашингтон да воведе ембарго на увозот на нафта и гас од Русија, пренесе АФП.
„САД и објавија економска војна на Русија и ја водат оваа војна“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој нагласи дека Русија била и ќе биде сигурен гарант за енергетската безбедност на глобално ниво и дека ја одржува својата репутација, пренесе ТАСС. Песков истакна дека Москва сè уште испорачува енергетски ресурси за други земји.
Во врска со Украина, Песков рече дека Народните републики Доњецк и Луганск, признати од Русија како независни, се суверени независни држави и Украина и властите на другите земји мора да го признаат тоа.