Кремљ објави нова главна цел на инвазијата на Украина

Главната цел на специјалната воена операција, како што Москва ја нарекува инвазијата на Украина, е „уништување на националистичките баталјони во Украина“, изјави денеска портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.

„Главната цел е ослободување на Украина од националистичките баталјони. Операцијата продолжува, поставените задачи се добро познати. Тие мора да се завршат и ќе се направат, нема сомнеж во тоа“, рече Песков.

Портпаролот на Путин додаде дека „веќе се воспоставува мирен живот во областите каде милитантите не земаат цивили како заложници и не пукаат во куќите“.

Ова е веќе трета главна цел на рускиот напад на Украина

„Што се однесува до местата каде националистичките баталјони прават такви работи, се водат жестоки битки. Тие ќе бидат уништени“, рече Песков.

Ова е првпат Кремљ да објави дека главната цел на војната во Украина е „уништување на националистичките баталјони“. Кога рускиот претседател Владимир Путин го најави започнувањето на инвазијата, тој рече дека главните цели се „демилитаризација и денацификација на Украина“, а потоа Кремљ, кога стана јасно дека руските сили биле поразени во близина на Киев и принудени да се повлечат, објави дека главна цел на војната е „ослободувањето на Донбас“, област во источна Украина каде што се наоѓаат два проруски сепаратистички региони, Доњецк и Луганск.