Кучиња со албански маркици во Скопје – Анима Мунди алармира за сомнежи за организиран и прекуграничен внес на кучиња

Здружението за заштита на животните Анима Мунди денеска предупреди за сомнежи дека во Скопје се внесуваат и напуштаат кучиња од странство, откако на терен биле забележани животни со ушни маркици од Република Албанија. Од здружението оценуваат дека станува збор за индиции за организиран, па можеби и прекуграничен транспорт на улични кучиња, што отвора сериозни прашања за јавната безбедност, благосостојбата на животните и почитувањето на законските процедури.

Според нив, во изминатите денови на подрачјето на општина Карпош се појавила нова глутница кучиња која не е препозната од локалните жители и не припаѓа на постојната улична популација. Станува збор за нестерилизирани и необележани животни, што, како што наведуваат од Анима Мунди, укажува на насилна и организирана дислокација, а не на природен прираст.

Се вчитува...

Од здружението додаваат дека ЈП „Лајка“ нема испуштено ваков број на кучиња на која било локација во градот и посочуваат дека граѓаните со години ги препознаваат уличните животни во своите маала. Пронајдените кучиња со албански маркици, според нив, дополнително го засилуваат сомневањето за можен прекуграничен транспорт и напуштање.

Анима Мунди побара од надлежните институции, меѓу кои МВР и Јавното обвинителство, да спроведат целосна проверка на безбедносните камери на местата каде што кучињата се појавиле, како и на влезно-излезните правци кон главниот град. Од здружението истакнуваат дека не станува збор за изолиран случај, туку за активност што укажува на организирана логистика.

Во реакцијата се наведува дека масовното дислоцирање и напуштање на животни претставува суровост, но и сериозна опасност за јавноста.