Македонија

Куманово го празнува Денот на ослободувањето

Куманово го празнува Денот на ослободувањето

Куманово денеска со повеќе манифестации и свечености одбележува 78 години од ослободувањето и 503 години постоење на градот. Свечена седница се одржа во Центарот за култура каде беа доделени и Ноемвриските награди.

– Куманово е град во кој се почитуваат различностите, се негува културата, идентитетот и традицијата, се посветува внимание на инклузивноста, на развојот и напредокот, а досега се реализирани над 130 проекти во Куманово. Заедно со Прилеп се кренавме рамо до рамо и со останатите во државата, токму нашите предци ја ослободија нашата држава. Борците од НОБ се примерот што треба сите да го следиме, македонската историја што треба да ја негуваме и македонскиот јазик и идентитет што мора силно да ги штитиме. Куманово важи за град првоборец, револуционерен, слободарски град што секогаш паметно и мудро ги одбирал вистинските чекори за нашата држава, град што отсекогаш бил на вистинската страна на историјата, кажа, меѓу другото, кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска рече дека Куманово мора да се почитува.

– Почитта ја заслужуваат сите минати генерации кои го планирале, ѕидале и растеле Куманово, кажа Ѓорѓиевска.

Годинава, добитници на највисокото општинско признание, Ноемвриска награда која што ја доделува општина Куманово за врвни достигнувања на поединци, група граѓани или претпријатија се Витомир Митевски, член и раководител на центар во МАНУ, Синиша Кашавелски, дипломиран ликовен уметник, хирургот д-р Зоран Ѓорѓиевски, просветниот работник Садри Акифи, и дипломираниот правник, професор и тренер по физичка култура и пожарникар, Сашо Илиевски.

Од правните лица добитници на наградата се Кентаур Импекс ДООЕЛ Скопје, подружница Искра Куманово и АЛФИ Би компани Куманово.

Општина Куманово додели и неколку благодарници на истакнати личности за постигнати резултати во афирмирање на градот во различни општествени области, Благица Димитровска, здружение Инклузива, Фросина Ефремовска од Диаверум.

На свеченоста по повод 78 години од ослободувањето на градот присуствуваа членови на Сојузот на борци, претставници на Собранието, АРМ, амбасади, советници, делегации од збратимените градови и останати гости.

Повеќе делегации од општината, од МВР, Армијата, збратимени градови, организации, установи, граѓани, здруженија, политички партии, положија свежо цвеќе и одадоа почит на загинатите народни херои и борци во НОБ денеска на Спомен костурница. Куманово со овој настан одбележува 78 години од ослободувањето на Куманово и 503 години од постоењето. Пригоден говор пред присутните одржа секретарот на Сојузот на борци од Куманово, Благе Јакимовски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни