Купил цртеж за помалку од 30 долари, а сега ќе заработи милиони

Откако купил цртеж за 30 долари во 2016 година човекот неодамна дознал дека истиот може да вреди десетици милиони долари.

Човекот не знаел од каде е цртежот на Богородица, кој со години го чувал во куќата, но нешто околу него беше интригантно.

Овој месец група експерти дојдоа до зачудувачки одговор – дека се работи за неоткриено уметничко дело „Богородица и детето со цвет на клупа од трева“ од Албрехт Дирер, познат германски уметник роден во 1471 година.

Човекот, чиј идентитет не е откриен, направил едно од најнеобичните откритија на ренесансните уметнички дела во последниве години, велат експертите. Тие тврдат дека цртежот би можел да вреди десетици милиони долари, пишува The New York Times.

Истрагата за потеклото на цртежите беше покрената од Клифорд Шорер, претприемач и трговец со уметнички дела од Бостон. Имено, тој дошол кај сопственикот на цртежот по случаен разговор со неговиот пријател кој му кажал за постоењето на ова необично и непознато дело.

Шорер му платил на сопственикот на цртежот 100.000 долари однапред за продажбата и се впуштил во кампања за докажување на неговата автентичност.

Договорот со сопственикот е дека и двајцата ќе ги добијат парите кога ќе се продаде цртежот, додека пак Шорер ќе го загуби авансот доколку се докаже дека е фалсификат.

Неговата истрага потврдила дека цртежот е нацртан на посебна хартија, специфична за тој уметник.

По две години автентикација, сите до еден експерт се согласија дека тоа е оригиналот. Фриц Корени, постар истражувач на Институтот за историја на уметност на Универзитетот во Виена, верува дека тоа е направено од чиракот на Дирер, Ханс Балдунг.

Се проценува дека доколку Балдунг го направил цртежот, неговата вредност би била една четвртина од она што би вредел доколку го нацртал Дирер.

Цртежот сега е изложен во галеријата Agnews во Лондон и ќе биде изложен следниот месец во галеријата Colnaghi во Њујорк. Шорер и сопственикот на цртежот ќе заработат значителен приход кога цртежот ќе биде пуштен во продажба следната година.

Шорер одби да шпекулира за неговата вредност, но рече дека тоа би можело да биде највредното дело на ренесансниот мајстор што се појавило на пазарот откако скицата на Рафаел со креда е продадена за речиси 48 милиони долари во 2012 година.

Галеријата Agnews планира да побара „осумцифрена сума“ за цртежот, се вели во соопштението на галеријата минатиот месец.