Кузеска: Пола Влада има бугарски пасоши, а ВМРО-ДПМНЕ секој ден нè обвинува нас дека одработуваме за Софија
РРедакција|
ВМРО-ДПМНЕ покажува врвно лицемерие и нечесност пред граѓаните кога станува збор за националните интереси и бугарските пасоши во сопствените редови. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, која упати директно прашање до извршната власт кога министерката за енергетика, Сања Божиновска, ќе си поднесе оставка.
Кузеска потенцираше дека опозицијата нема намера да ги напаѓа обичните граѓани кои извадиле вакви документи, туку реагира на двојните стандарди на политичарите на власт.
„Кога министерката Сања Божиновска ќе поднесе оставка? Таа јавно призна дека има бугарски пасош, иако претходно некои лажеа и криеја. Се знае точно кој сè има бугарски пасоши. Но, уште пострашно е подценувањето кон јавноста кога Божиновска на прес-конференција, прашана за пасошот, одговори дека не знае како се чувствува за тоа и дека треба да го прашаме нејзиниот адвокат бидејќи тој го водел процесот. Замислете, зборуваме за лични чувства, а таа нè упатува кај нејзиниот адвокат!“, истакна Кузеска.
Портпаролката на СДСМ направи остар контраст помеѓу секојдневната реторика на ВМРО-ДПМНЕ и реалната состојба во нивната владина коалиција, иронично коментирајќи ги претходните изјави на портпаролот на владејачката партија во истото студио.
„Навистина е смешно. Мојот претходник во студиото секој ден излегува на говорница и кажува како СДСМ работи за бугарските интереси. А од друга страна, тие не сакаат јавно да признаат дека пола Влада има бугарски пасоши. Барем ради јавноста нека излезат и нека го демантираат тоа, ако не е така“, побара Кузеска.
Таа додаде дека СДСМ веќе се навикнал на етикетите „предавници“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но дека народот сега јасно гледа оти положбата е целосно обратна.
Како клучен доказ за неискреноста на премиерот Христијан Мицкоски, Кузеска го посочи одбивањето на законското решение со кое на министрите би им се забранило да имаат двојни државјанства.
„Ние понудивме предлог за едно државјанство за функционерите. Зошто ВМРО-ДПМНЕ не го прифати? Прво, Мицкоски рече – дајте да видиме дали тоа е уставно за актуелните министри. Потоа побара тоа да важи дури од некој нареден парламентарен состав, за на крајот целосно да го отфрлат предлогот. Тоа е таа нечесност кон граѓаните. Изгледа дека оваа Влада стана многу ‘чувствителна’ – имаме чувство кај Мицкоски дека некој ќе се апси, и чувство кај Божиновска која не знае како се чувствува за бугарскиот пасош“, заклучи Богданка Кузеска во „Ноќно студио“.