Кузеска: Секој нареден предлог за Македонија е сè полош, ВМРО-ДПМНЕ со години ја држи земјата во заложништво со блокади и заплашувања
РРедакција|
„Историјата досега покажа дека секој нареден договор и предлог за Македонија е сè полош. Ние не можеме да станеме посилни во преговарачките позиции доколку сме изолирани. Ако не сме на масата, не можеме да имаме силна позиција која ќе ни даде комфор да биде сè по наше.“
Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа направи детална ретроспектива на однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ низ годините, потенцирајќи дека партијата која денес е на власт, постојано се служела со методи на заплашување и кочење на клучните процеси.
„Да се навратиме малку назад. На референдумот излегоа и гласаа 660.000 граѓани, и покрај сите блокади кои ги правеше ВМРО-ДПМНЕ. Лепеа плакати со кои порачуваат дека секој што ќе излезе да гласа е предавник. Тоа не го криеја, јавно го спроведуваа. Како наводни патриоти, во 2011 година поништија попис, а кога подоцна конечно се спроведе нов попис, тие повторно го блокираа. ВМРО-ДПМНЕ постојано се служи со блокади и заплашувања“, потсети Кузеска.
Кузеска појасни дека компромисот, по дефиниција, значи дека двете страни се делумно незадоволни, но дека со Францускиот предлог тогашната влада предводена од СДСМ и коалицијата успеала да ги заштити црвените линии.
„Беше направена најумешната дипломатија и се издејствува најдоброто за македонските позиции. Апсолутно ништо не ни е загрозено. Го заштитивме македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Македонскиот јазик е признат во Европската Унија, а најдобар доказ за тоа е договорот со Фронтекс, кој е потпишан на чист македонски јазик, без никакви додавки и фусноти. Тоа е огромен успех“, заклучи портпаролката на СДСМ, изразувајќи жалење што процесот тогаш запрел бидејќи во Собранието не се постигнал соодветниот број пратеници за уставните измени.