Богданка Кузеска, потрпаролка на СДСМ, со нови детали околу скандалот со Африм Гаши и минувањето на границата со Косово со свадбена поворка. Кузеска кажа дека СДСМ имаат информации за виновникот на овој скандал, кој бил поставен лично од Тошковски.
„Под притисок на СДСМ, Панче Тошковски ги потврди сите објавени информации за скандалот со свадбената поворка на Африм Гаши и пропустите на граничниот премин Блаце. Вчера, СДСМ им даде рок од 24 часа на Тошковски и МВР да бидат чесни и да објават како дошло до овој скандал и кој е вистински одговорен за тоа.
Наместо Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ да се охрабрат, кога веќе секако се фатени во скандалот и мораа да го признаат, тие се обидуваат одговорност да му ја натоварат на раководителот на смена на граничниот премин Блаце. Овој човек не е тој кој дал наредба да бидат пропуштени Гаши и сватовите без контрола.
Затоа, СДСМ денес ќе ги објави сите податоци од свиркачите и ќе се дознае дека ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски лажат и се обидуваат да го скријат вистинскиот кривец и извршител во скандалот.
Според нашите информации, наредбата ја издал новоназначениот началник на Центарот за гранични работи Север, Наим Рамука.
Согласно информациите кои ги добивме, еден час пред да поминат Гаши и сватовите, Наим Рамука заради наводна контрола, дошол на граничниот премин. Во суштина Рамука дошол за да го обезбеди поминувањето без контрола на Гаши сватовите.
Наим Рамука е човекот кој одобрил ваков излез од државата, а потоа и влез при враќање на поворката. Не човекот кој го обивнува Тошковски, раководителот на смена на Блаце, туку Рамука кој токму Тошковски го поставил за Началник на Центарот за гранични работи Север.
Прашуваме, зошто Тошковски сака да го заштити Наим Рамука и го „мести“ раководителот на смена? Дали Тошковски повторно ќе се обиде да излаже и да го заштити својот нов началник на сметка на чесни луѓе кои си ја работат работата?
До кога ќе траат лагите на МВР и ВМРО-ДПМНЕ? Ќе си поднесе ли конечно Тошковски оставка?
Ова е голем скандал кој не значи само тешка злоупотреба на граничниот премин, туку и своеволие, прекршување на законите и потенцијлно направени кривични дела кои допрва треба да се истражуваат.“, рече Кузеска.

