Македонија

Кузеска: Владата свесно глуми жртва и не зборува за ЕУ за да ги скрие сопствените криминали и неуспеси

Кузеска: Владата свесно глуми жртва и не зборува за ЕУ за да ги скрие сопствените криминали и неуспеси

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ демонстрира јасна намера дека воопшто не планира да ја носи земјата кон Европската Унија. Прашањето за евроинтеграциите за нив воопшто не е во фокус, а со нивното однесување во изминатите две години тие само прават дефокус во јавноста. Ова во своето гостување во „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го алармираше портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Кузеска критикуваше дека актуелната власт намерно ја одбегнува темата за зачленување во ЕУ, иако огромно мнозинство од граѓаните сè уште имаат таква желба.

„Владата зборува многу малку за евроинтегративниот пат, иако над 70% од граѓаните јасно кажуваат дека сакаат да влезат во Европската Унија. Но, на владата ѝ одговара да не зборува за тоа. Наместо работа, ним им одговара да држат по 10 прес-конференции дневно на кои нè нарекуваат нас ‘предавници’ бидејќи бараме малцинствата да бидат внесени во Уставот. Зошто го прават тоа? Прават дефокус за да не им се гледаат неуспесите и криминалите кои ги прави оваа власт во овие две години“, обвини таа.

Според портпаролката на опозицијата, крајно време е извршната власт да преземе одговорност и наместо постојано да бара изговори во меѓународната заедница, да почне да работи на реформи.

„Јас не велам дека меѓународните политики секогаш биле праведни кон нас. Но, постојано да влегуваме во улогата на жртва, наместо да влегуваме во преговори, во договори и во конкретна работа која ја носи државата напред – тоа е погубно. Од ВМРО-ДПМНЕ воопшто не гледаме никаква сериозност на овој план. Тие јасно ни кажуваат дека немаат подобар предлог, ниту пак имаат намера да направат нешто позитивно за европскиот пат на Македонија“, децидна е Кузеска.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни