Македонија

КЗК со засилени контроли: Утврдени неправилности во откупни центри

КЗК со засилени контроли: Утврдени неправилности во откупни центри

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) спроведува засилени теренски контроли со цел да ја провери доследната примена на новиот Закон за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.

Во рамки на активностите, инспекциски тимови извршиле увид кај повеќе откупни центри за овошје и зеленчук кои вршат откуп од индивидуални земјоделци и правни лица, при што се констатирани повеќе неправилности.

Според наодите, дел од утврдените пропусти се однесуваат на непостоење на писмени договори за откуп, користење договори кои не ги содржат задолжителните елементи предвидени со законот, како и неусогласеност на договорните одредби со законските обврски.

Од КЗК посочуваат дека ваквите контроли ќе продолжат и во наредниот период, во рамки на нивните законски надлежности, а против субјектите кај кои се утврдени прекршувања ќе бидат преземени соодветни санкции.

Комисијата упати и апел до сите учесници во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи за целосно почитување на законските одредби, со цел обезбедување фер и транспарентни деловни односи и заштита на земјоделците и добавувачите од нефер трговски практики.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни