Словачкиот премиер Роберт Фицо денес ја прифати оставката на својот советник Мирослав Лајчак, откако се појавија информации дека неговото име се споменува во документите поврзани со Џефри Епштајн.
„Одавна не сум видел толку лицемерие“, изјави Фицо коментирајќи ја појавата на името на Лајчак во документите на американскиот бизнисмен и осуден сексуален престапник, објави словачкиот весник „Правда“.
Лајчак денес ја понуди својата оставка, која Фицо ја прифати, истакнувајќи дека „сè се користи за да се нападне“, додека самиот Лајчак ги отфрла обвинувањата од документите.
„Лајчак уште еднаш покажа дека е одличен дипломат, и ја прифаќам неговата одлука за прекин на соработката, иако сите, не само јас, губиме големо искуство во дипломатијата и надворешната политика“, наведува Фицо во соопштението.
Истовремено, поранешниот претседател и премиер на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, се споменува во документи поврзани со Епштајн, објавени од Министерството за правда на САД, пренесе црногорскиот портал „Вјести“.
Ѓукановиќ се појавува во размена на пораки што, според документите, Епштајн ги имал со Лајчак. Во една од пораките, Лајчак пишува дека претседателот на Црна Гора „се радува на посетата“, на што Епштајн одговара: „Можеби треба да му обезбеди безбедно засолниште“. Лајчак додава дека „слабата точка на Доналд е Црна Гора“.
Во друга порака, Епштајн спомнува дека поранешниот адвокат на тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп, Мајкл Коен, и поранешниот советник Пол Манафорт „и двајцата се виновни“ и додава „почеток на крајот“. Лајчак исто така му испраќа на Епштајн линк до статија за Црна Гора и слика од Котор, коментирајќи: „Ви кажав дека Црна Гора е одлична“.
Епштајн го прашува Лајчак дали Ѓукановиќ е претседател или премиер, на што Лајчак одговара дека е претседател. Дел од пораките се разменети во август 2018 година, а дел на 21 септември истата година.
За потсетување, Лајчак беше назначен за пратеник на ЕУ за спроведување на референдумот за независност на Црна Гора во 2006 година, потоа беше специјален пратеник на ЕУ за Босна и Херцеговина од 2007 до 2009 година и министер за надворешни работи на Полска во периодот 2012–2020 година.
