Лансиран нов сателит „Copernicus“ за трајно следење на Земјата

Сателитот Copernicus Sentinel-1D синоќа, на 4 ноември, успешно беше лансиран со ракетата Ariane 6 од Европскиот вселенски центар во Куру, Француска Гвајана. Мисијата има за цел да го одржи најсовремениот светски радарски систем за набљудување на Земјата, кој овозможува континуирани снимки со висока резолуција од нашата планета – дење и ноќе, во сите временски услови.

Развиен во рамки на Вселенската програма на Европската унија, во тесна соработка со Европската вселенска агенција (ESA), Sentinel-1D ќе го обезбеди континуитетот на европските радарски способности за снимање, заменувајќи го сателитот Sentinel-1A, лансиран во 2014 година.

Податоците што ќе ги собира Sentinel-1D ќе се користат за следење на животната средина, надзор на поморски активности и реагирање во вонредни ситуации. Неговиот радар ќе овозможи откривање излевање на нафта, нелегални активности на море, поплави, санти мраз, свлечишта, вулканска и сеизмичка активност, како и следење на шумски и земјоделски површини.

Сателитот е исто така опремен со Galileo приемник, кој ја зголемува автономијата и отпорноста на Европа во вселената, обезбедувајќи независност во навигацијата.

По завршување на процесот на калибрација, Sentinel-1D ќе започне бесплатно да доставува податоци до јавни и приватни корисници, со што дополнително ќе се зацврсти позицијата на Европа како глобален лидер во набљудувањето на Земјата.

Заедно со останатите сателити од семејството Copernicus, овој систем ќе продолжи да обезбедува клучни информации за заштита на животната средина, безбедноста и одржливиот развој во Европа и пошироко.

Copernicus претставува компонента на Програмата на ЕУ за набљудување на Земјата.