Латвија им нареди на 841 руски државјанин да ја напуштат земјата до 13 октомври, откако не успеале да докажат познавање на латвискиот јазик и да поминат задолжителни безбедносни проверки.
По почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина на почетокот од 2022 година, Латвија во истата година го измени Законот за имиграција, а потоа дополнително го заостри во 2024 година, поставувајќи построги правила за руските државјани кои сакаат да останат во балтичката земја.
Измените бараат од руските државјани да поднесат барање за статус на долгорочен жител на ЕУ, да докажат познавање на латвиски јазик на ниво А2 и до 30 јуни 2025 година да поминат безбедносни и други проверки за да останат легално во земјата.
Околу 30.000 руски државјани биле погодени од новите правила. Додека мнозинството успеало да се прилагоди, околу 2.600 доброволно ја напуштиле Латвија.
Сепак, 841 руски државјанин не ја доставил потребната документација навреме.
На нив сега им е соопштено дека мора да ја напуштат земјата до 13 октомври, изјави Мадара Пуке, шефица на службата за односи со јавноста во Латвиската канцеларија за државјанство и миграции (OCMA), за POLITICO.
Изгледа дека има и луѓе кои не биле свесни за овие промени.
„Само кога ќе престане да им се исплаќа пензијата сфаќаат дека нешто не е во ред,“ рече Маира Розе, раководителка на OCMA, за латвиската телевизија во програмата „De facto“. „Тогаш јавуваат и прашуваат: Зошто не ми ја исплаќате пензијата? Му велиме: Немате дозвола за престој. Прашуваат: Каде е мојата дозвола за престој? Му велиме: Мора да се придржувате до законот,“ раскажа таа.
Престојот во Латвија по 13 октомври за таквите лица станува „нелегален“, додаде Пуке во писмен одговор, нагласувајќи дека ќе им биде укинат пристапот до социјалните услуги. Упорното непочитување на законот без оправдана причина може да доведе до присилна депортација од страна на Државната гранична служба.
Во последно време во Латвија се засилуваат мерките за заштита на националната безбедност поради растечките тензии со Москва.
Во мај, министерката за надворешни работи Баиба Браже повика земјите на ЕУ да ја суспендираат издавањето визи за руски државјани, наведувајќи безбедносни причини. Во јуни, парламентот им забрани на руските и белоруските државјани работа во клучни сектори на инфраструктурата и купување недвижности во Латвија.
Читај и ова:
- 1.Трамп прими бустер доза против Ковид – докторите велат срцето му е 14 години помладо од хронолошката возраст
- 2.Почина Бојан Милковски од Штип – момчето за кого цела Македонија собираше помош
- 3.Ја исклучувате ли климата?
- 4.Менди Ќира: Ќе изградиме нови патишта, пристаниште и фестивал „Струшко лето“ – имам договор со народот
- 5.По објавата на Трамп, криптовалутите се урнаа како никогаш досега