Лавров: Работиме на наредбата на Путин за можна руска нуклеарна проба

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека се работи на наредба на претседателот Владимир Путин во врска со подготовка на предлог за потенцијален руски нуклеарен тест, јави државната новинска агенција ТАСС.

„Во врска со инструкцијата на претседателот Владимир Путин на состанокот на Советот за безбедност одржан на 5 ноември, можам да кажам дека таа е прифатена, подготвена за спроведување и дека се работи на неа. Јавноста ќе биде информирана за резултатите“, изјави Лавров, пренесува ТАСС.

Наредбата е одговор на изненадната минатонеделна најава на американскиот претседател Доналд Трамп дека Соединетите Американски Држави планираат да продолжат со нуклеарни тестирања.

ТАСС исто така наведува дека Лавров изјавил дека Русија не добила никакво објаснување од САД во врска со наредбата на Трамп.

Односите меѓу Русија и САД во последните неколку недели нагло се влошија, откако Трамп, разочаран од недостигот на напредок во обидите за завршување на војната во Украина, го откажа планираниот самит со Путин и првпат по враќањето во Белата куќа во јануари воведе санкции против Русија.