Народната банка мора да покаже поголема транспарентност во случајот со „Алта банка“ и редовно да ја информира јавноста за преземените мерки и активностите на привремената администрација. Ова го порача економскиот аналитичар Славко Лазовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Лазовски оцени дека недоволната отвореност на монетарните власти дополнително ја намалува довербата на граѓаните во банкарскиот систем.
„Транспарентноста и отвореноста на Народната банка не се на потребното ниво. Кога имате депоненти, граѓани, мора да бидете сосема отворени“, истакна Лазовски.
Според него, граѓаните имаат право да знаат какви активности се преземаат за заштита на нивните средства, кои се лицата задолжени за управување со состојбата и какви се можните следни чекори.
Тој посочи дека дури и јавно признавање на евентуални пропусти би можело да придонесе за враќање на довербата.
„Дури и едно извинување, признавање на грешката. Таа отвореност што треба да ја покаже Народната банка мислам дека ќе придонесе барем малку за подобрување на довербата“, рече Лазовски.
Тој предупреди дека неодговорените прашања и недостигот од информации можат да предизвикаат дополнителна неизвесност кај штедачите.
„Ако не се презентираат податоците во јавноста, што работат администраторите, кои се тие администратори, зошто е тоа така, мислам дека сето тоа придонесува за намалување на довербата во банкарскиот систем“, нагласи економскиот аналитичар.
Лазовски порача дека при решавањето на состојбата со банката приоритет мора да бидат граѓаните и заштитата на нивните депозити.