Либерално-демократската партија (ЛДП) излезе со остар став во пресрет на најавите за евентуална лидерска средба. Од партијата велат дека се подготвени да седнат на маса, но категорично одбиваат единствена тема на разговор да биде „техничката влада“, оценувајќи ја како изолирана и празна тема која не носи леб за граѓаните.
ЛДП инсистира фокусот да се стави на суштински системски реформи, наместо на „пазарски и ПР решенија“.
„Дали ќе јадеме поевтино ако се укине техничката?“
Од партијата прашуваат зошто политиката се сведува на банални прашања, додека клучните проблеми остануваат нерешени.
„Несериозно е политиката да се сведе на тоа: ’ние сме за укинување‘ или ’ние сме против укинување‘ на техничката влада. И што потоа? Дали ќе јадеме поевтино? Дали ќе дишеме почист воздух? Дали конечно ќе ја решиме корупцијата? Ако одговорот е не – тогаш темата сама по себе е празна“, се вели во партиското соопштение.
ЛДП бара драстично кратење на функционерите
Наместо дебати за форми на влада, ЛДП излезе со конкретен предлог за намалување на државниот апарат и трошоците:
- Намалување на бројот на пратеници од 120 на 90.
- Кратење на Владата на само 15 функционални министерства (наместо сегашните над 20).
- Укинување на „армијата“ заменици директори и членови на управни и надзорни одбори.
Една изборна единица и отворени листи
Ставот на ЛДП е дека на Македонија не ѝ е потребна техничка влада, туку ефикасен и деполитизиран систем. Како предуслов за тоа, тие повторно го актуелизираат барањето за промена на изборниот модел: воведување на една изборна единица и отворени листи, за граѓаните директно да бираат кој ќе ги претставува.
„Да, треба да разговараме, но за вистински и суштински реформи. Сè друго би било губење време на грбот на граѓаните“, децидни се од ЛДП.
