Македонија

Лекот „Фостер“ наскоро ќе биде достапен за 280 денари

Лекот „Фостер“ наскоро ќе биде достапен за 280 денари

Пациентите со астма и хронична опструктивна белодробна болест наскоро ќе можат да го набавуваат лекот „Фостер“ по пониска цена и без досегашната доплата, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Според него, по завршувањето на залихите што се продаваат по старата цена, лекот со генеричко име беклометазон/формотерол ќе биде достапен за осигурениците со партиципација од 280 денари, наместо досегашните 300 денари, а дополнителната доплата од околу 800 денари ќе биде укината.

Клековски објасни дека по воведувањето на лекот „Блоцета“ на позитивната листа, како конкурент на „Фостер“, била намалена референтната цена, што привремено довело до повисоки трошоци за пациентите поради разликата меѓу пазарната и референтната цена.

Тој посочи дека Фондот во изминатите неколку недели интензивно комуницирал со производителот на „Фостер“, кој ја прифатил новата референтна цена.

„По 20 јули, односно најдоцна до почетокот на август, лекот ќе биде достапен без доплата, а партиципацијата ќе изнесува 280 денари“, изјави Клековски.

Со ова, пациентите кои редовно ја користат оваа терапија ќе имаат значително помал финансиски товар при набавката на лекот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни