Левичарот Зохран Мамдани го освои Њујорк

Триесет и четиригодишниот демократ и прогресивец Зохран Мамдани е избран за нов градоначалник на Њујорк, по избори што многумина ги нарекуваат историски за американската левица. Тој најави дека ќе ја „врати власта во рацете на работничката класа“ и ќе се спротивстави на, како што ја нарече, „непријателската администрација“ на Доналд Трамп.

Мамдани оствари убедлива победа над поранешниот гувернер на Њујорк, Ендрју Куомо, кој во кампањата доби поддршка од Трамп, како и над републиканскиот кандидат Кертис Слива. Аналитичарите ја оценуваат оваа победа како значаен триумф на прогресивното крило на Демократската партија.

„Доналд Трамп, знам дека ме гледаш — засили го звукот“, порача Мамдани во својот победнички говор, придружен со аплаузи и скандирања од поддржувачите.

Трамп претходно се закани дека ќе ги намали федералните средства за Њујорк доколку Мамдани победи, нарекувајќи го „комунист“. Мамдани, кој е роден во Уганда и е син на имигранти, стана првиот муслиман на чело на градот. Тој за себе вели дека е демократски социјалист, блиску до скандинавскиот модел, и ги отфрла обвинувањата за екстремизам.

„Ако постои место што може да му покаже на народот измамен од Доналд Трамп како да се избори за себе, тоа е градот од кој тој доаѓа. А најдобар начин да се заплаши еден деспот е да се разгради системот што му овозможил да ја акумулира својата моќ“, изјави Мамдани.

Тој на 1 јануари ќе ја преземе функцијата, станувајќи најмладиот градоначалник на Њујорк во последниот век.

Изборите донесоа рекордна излезност — повеќе од два милиона граѓани го искористија своето право на глас, што е највисок број од 1969 година.

„Њујорк ќе остане град на имигранти, град изграден од имигранти, управуван од имигранти и — од оваа вечер — предводен од имигрант“, порача Мамдани.

Освен во Њујорк, Демократската партија забележа победи и на изборите за гувернери во Вирџинија и Њу Џерси, што дополнително го зацврсти оптимизмот на левицата пред претседателските избори.