Канцеларијата на партијата Левица во општина Аеродром била вандализирана со спреј, информираа денес од партијата. Од Левица тврдат дека инцидентот е извршен од, како што наведуваат, „вандали поддржани од власта на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Вандалите поддржани од власта на ДПМНЕ повторно се обидоа да покажат моќ, односно со спреј ја вандализираа канцеларијата на Левица – ЛО Аеродром. Очигледно е: кога немаат аргументи, се служат со вандализам и заплашување“, стои во нивната реакција.
Од партијата додаваат дека ваквите постапки нема да ги обесхрабрат: „Ако мислат дека со тоа ќе нѐ заќутат, тропнале на погрешна врата. Членовите на Левица се цврсто убедени во своите ставови и нема сила што може да нѐ натера да отстапиме од нашата идеолошка борба.“
Во своето соопштение Левица нагласува дека ќе продолжи да се спротивставува на, како што ги нарекуваат, „расипничките и штетни политики на ДПМНЕ“, додавајќи дека „ниту вандали, ниту притисоци“ нема да ја одвратат партијата од нејзините политички активности.
Од Левица реагираат и со иронична порака: „Следен пат пратете барем писмени луѓе, ВМРО 2893???“
За случајот засега нема официјална информација од надлежните институции.