На аукција ќе бидат продадени повеќе од 800 фустани, панталони, чевли, долна облека, очила, музички инструменти, книги и плочи на британската пејачка Ејми Вајнхаус, проценети на вкупно „еден милион до два милиони долари“.
„Многу е тешко да се организираат аукции со родителите на починатото дете“, рече Мартин Нолан, директор на Julien’s Auctions, презентирајќи пред АФП колекција на лични работи на британскaта музичарка која почина во 2011 година, на 27-годишна возраст.
„Настанот е многу чувствителен и на родителите им требаше време да се согласат да ги донираат предметите, разбирајќи, се разбира, дека обожавателите, музеите, колекционерите од целиот свет би сакале да ги поседуваат тие предмети“, објасни Нолан.
Нолан тврди дека нејзините родители Мич и Џенис сакале да го зачуваат „наследството и меморијата“ на нивната ќерка преку оваа продажба и да соберат средства за нивната фондација за да им помогнат на младите кои страдаат од зависност.
Последниот концерт на Ејми Вајнхаус се одржа во Белград во 2011 година. По овој настап, во кој беше видно дезориентирана, турнејата беше откажана, а Ејми почина еден месец подоцна.
Таа вечер носеше зелено-црн мини фустан со свилени дезени од цвеќиња и бамбус. Овој фустан исто така ќе се најде на аукција, а се проценува на помеѓу 15.000 и 20.000 долари.
„Сите фустани ја претставуваат Ејми, фантастична музичарка, но и модна икона“, изјави Нолан.
