Лидерите на ЕУ ја поддржуваат иницијативата за воведување минимална возраст за пристап до социјалните мрежи

Лидерите на Европската унија изразија поддршка за воведување возрастни ограничувања за пристап до социјалните мрежи, но нагласија дека не планираат да ги префрлат своите национални надлежности по ова прашање на Брисел, пренесува ДПА.

„Европскиот совет ја нагласува важноста од заштитата на малолетниците, вклучително и преку воведување возраст за полнолетство за пристап до социјалните медиуми, со почитување на националните надлежности“, се наведува во декларацијата усвоена на самитот на ЕУ во Брисел.

Дебатата за воведување минимална возраст за користење на социјалните мрежи во целата ЕУ повторно ја отвори претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Таа повика на заеднички европски пристап и ја спореди идејата со ограничувањата што постојат за употреба на алкохол и тутун.

Според неа, пример за следење е Австралија, каде што во ноември 2024 година парламентот усвои закон што го ограничува пристапот до социјалните мрежи за лица под 16 години. Новите правила ќе стапат во сила во декември.

Портпаролот на Европската комисија нагласи дека „може и мора да се направи повеќе за подобра заштита на децата онлајн“. Во таа насока, Комисијата веќе работи на технички решенија за проверка на возраста на корисниците, со цел создавање сигурни системи што ќе спречат малолетници да пристапуваат до несоодветна содржина.