Лимани: Постапката за физичко обезбедување на центрите за социјални работи е при крај

Инцидентот во Прилеп, при кој беше повредена вработена во Центарот за социјални работи, повторно го актуелизира прашањето за безбедноста на социјалните работници и предизвиците со кои се соочуваат при извршување на секојдневните задачи. Овие теми беа во фокусот на денешниот работен состанок на министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, и неговиот заменик Ѓоко Велковски, со директорите на центрите за социјална работа и установите за социјална заштита.

Како што информира Министерството, на состанокот се разговарало и за подобрување на работните услови, планови за реновирање на центрите, потребата од нови вработувања, зголемување на платите во секторот, како и за имплементацијата на СВИС системот.

Министерот Лимани најави дека ваквите состаноци ќе станат редовна практика, а ќе се реализираат и теренски посети со цел директно да се идентификуваат предизвиците и да се предложат конкретни решенија за подобрување на социјалниот систем.

„Постапката за физичко обезбедување на центрите е при крај. Социјалните работници се столб на општествените промени и нивната работа мора да биде заштитена и вреднувана. Министерството останува посветено на креирање политики што ќе обезбедат поквалитетни услуги за граѓаните и подобри услови за сите вработени во системот“, изјави Лимани.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното