Метрополитенската полиција во Лондон ќе започне пилот-програма во која ќе користи далечински дронови од крововите на згради за побрзо и поефикасно да одговара на итни повици.
Опремени со камери со висока резолуција, дроновите автономно ќе летаат до местото на инцидентот и ќе пренесуваат снимки во живо на полицајците на терен, пишува „Independent“. Целта е да се обезбедат побрзи разузнавачки информации во различни ситуации, како што се следење на осомничени, пронаоѓање на исчезнати лица или надзор за време на поголеми инциденти.
Се очекува дроновите да можат да достават први информации во рок од две минути, што според експертите е значително побрзо и поевтино отколку користење хеликоптери.
Пилот-програмата, која е дел од поширока иницијатива на Националното полициско координациско тело (NPCC), веќе е тестирана во неколку полициски управи низ Велика Британија, вклучувајќи Норфолк, Вест Мидлендс, Хемпшир и островот Вајт, како и долината на Темза.
Во Лондон, првиот дел од програмата започна во Исингтон, а планот е да се прошири на Вест Енд и Хајд парк до крајот на годината.
Помошник-комесарот и национален раководител за дронови, Лоренс Тејлор, рече дека леталата ќе ѝ помогнат на полицијата поцелосно и поефикасно да одговара на итни ситуации, обезбедувајќи клучни податоци и зголемувајќи ја безбедноста на сите во заедницата.
Началничката Тарин Еванс, која ја води програмата за дронови на NPCC, истакна дека технологијата веќе покажала значајни резултати во различни оперативни услови и дека е подготвена да придонесе за подобрување на работата на полицијата во Лондон.