Тексашката нафтена компанија, „Гренланд Енерџи“, застапувана од Роберт Прајс, сака да докаже дека Гренланд содржи милијарди барели сурова нафта. Компанијата планира да испрати 300 контејнери за превоз со опрема за дупчење, но проектот веќе предизвика сериозен конфликт со гренландските власти.
„Гренланд Енерџи“ тврди дека ги има потребните дозволи, но гренландската влада остро го негира ова. Ова отвора можност за нов конфликт меѓу поддржувачите на Трамп и властите на огромната, ретко населена територија што американскиот претседател долго време сакаше да ја стави под контрола на САД, објавува „Гардијан“.
„Значи, имаме проект за дупчење нафта тука“, им рекол Прајс на жителите на оддалечената населба Итокортурмиит преку преведувач. „Имаме дозвола да ја донесеме опремата на копно“, може да се слушне како вели снимка од состанокот, „а потоа поднесовме барања за дозволи за дупчење и сега чекаме одобрување“.
Сепак, Министерството за ресурси на Гренланд изјави дека, спротивно на тврдењата на Прајс, „всушност нема валидни дозволи за никакви истражувачки активности, ниту за подготовки за нив“.
Луѓето на Трамп и нафтата од Гренланд
Соработниците на американскиот претседател ја користат можноста за наоѓање американска нафта во Гренланд за да го зајакнат својот аргумент за преземање на територијата од страна на САД. Специјалниот претставник на американскиот претседател за Гренланд, десничарскиот гувернер на Луизијана, Џеф Ландри, изјави за Фокс њуз по посетата во мај дека на Гренланд му е потребен договор со САД.
„Ни треба договор. Гренланд му е потребен договор. Гренланд би можел да извезува два милиони барели нафта дневно токму сега“, рече Ландри. Тој тврди дека неговата мисија е „Гренланд да го направи дел од САД“, додавајќи дека нафтата би можела да почне да се произведува „за околу 10 месеци“.
„Гренланд енерџи“ е единствената компанија што планира да дупчи во Гренланд. И покрај очигледниот недостаток на дозвола, таа веќе изнајмила арктички брод за транспорт на опремата 2.500 милји низ ледени води до Источниот брег.
Прајс рече дека бродот ќе исплови на 12 септември, а дупчењето ќе започне во октомври. Логистиката ќе ја води „Халибартон“, гигантот од Хјустон, некогаш управуван од поранешниот потпретседател на САД, Дик Чејни.
Откако Трамп јасно ги стави до знаење своите империјални амбиции за Гренланд, американските бизнис интереси во областа растат. Тие се движат од ретки земни метали и хидроенергија до флаширање „луксузна“ изворска вода.
„И сега сите овие Американци се појавуваат“
Жителите на Гренланд нервозно ги следат изјавите и потезите на Трамп. Еден ден откако ги испрати американските специјални сили да го киднапираат венецуелскиот лидер, Трамп рече: „Апсолутно ни треба Гренланд“. Пристигнувајќи на самитот на НАТО оваа недела во Турција, тој го повтори својот повик САД да ја преземат контролата врз Гренланд од Данска.
Меѓу загрижените е Аварак Олсен, градоначалничката на регионот што ги вклучува главниот град Нук и областа Џејмсон Ленд, каде што се планира дупчење. Таа рече дека е „многу исплашена“ дека откривањето на нафта од страна на Американците ќе игра улога во плановите на Трамп.
„Ние сме како најмирното место во светот. Отсекогаш сме живееле во мир и хармонија. И сега одеднаш сите овие Американци се појавуваат и се обидуваат да ја преземат контролата“, рече Олсен. Гренланд престана да издава нови дозволи за истражување на нафта во 2021 година по 50 години неуспешни обиди. „Последиците врз животната средина од истражувањето и експлоатацијата на нафта се премногу големи“, рече еден министер во тоа време.
Сепак, неколку стари дозволи остануваат на сила. Меѓу нив се дозволите за дел од Џејмсон Ленд, кои припаѓаат на компанијата регистрирана во Велика Британија „80 Мајл“. Токму овие дозволи планира да ги користи „Гренланд Енерџи“, компанија основана минатата година. Планира да инвестира 60 милиони долари за дупчење два бунари во замена за мнозински удел во проектот.
Прајс, зборувајќи на состанок во Итокортурмиит, населба со околу 300 луѓе, тврдеше дека под Џејмсон Ленд може да има сурова нафта во вредност од трилион долари. „Верувам дека нафтата е таму. Научниците веруваат дека е таму. Но, додека не ги дупчиме тие бунари, нема да знаеме“, рече Прајс.
Дупчење во заштитено подрачје
Се очекува бунарите да бидат лоцирани во област заштитена со Рамсарската конвенција за мочуришта. Дејвид Бортман, експерт за птици од Гренланд, предупреди дека таму има значителни популации на гуски и други птици и дека истражувањето на нафта може да го загрози нивното живеалиште.
Документите доставени од „Гренланд Енерџи“ до берзата јасно ставаат до знаење дека плановите можат да се спроведат само со одобрение од гренландската влада. Неколку дена по изјавите на Прајс, министерот за минерални ресурси на Гренланд, Муте Б. Егеде, се огласи, велејќи дека „ги разбира загриженостите на граѓаните“ за поврзаноста на проектот со Трамп.
„Активностите не можат да се спроведуваат сè додека не се добијат потребните дозволи. Морам да повторам дека изјавите што ги дава компанијата јавно не секогаш ја одразуваат реалната состојба“, нагласи Егеде. Лари Светс, финансиер, еден од најголемите акционери и извршен претседател на Гренланд Енерџи, призна дека компанијата лошо ги соопштила своите планови.
„Нашиот ентузијазам за проектот нè наведе да комуницираме на начин што создаде конфузија околу тоа кој е одговорен за што во Гренланд, а тоа не му користеше на никого, а најмалку на локалните заедници најблиски до проектот“, рече Светс.
Врски со кругот на Трамп
На состанокот во Итокортурмормиит, еден од присутните праша дали Светс има „блиски врски со Трамп“. Прајс одговори: „Колку што знам, нема“. Сепак, објавите на социјалните мрежи од сопругата на Светс покажуваат дека таа година го посетила клубот на Трамп во Мар-а-Лаго.
Иако Светс тврди дека проектот „не е поврзан со анексија на САД“, врските на Гринленд Енерџи со кругот на Трамп стануваат сè посилни. Во април, милијардерот од Волстрит, Кенет Грифин, голем донатор на Републиканската партија, купи 9 проценти од акциите на Гринленд Енерџи. Во јуни, ветеранката од американската морнарица, Керол Крег, се приклучи на одборот на директори.
Фил МекГро, ТВ-личноста која зборуваше на митингот на Трамп во 2024 година, подготвува документарна серија за Гринленд Енерџи. Во промотивно видео, МекГро вели: „Го слушнавме Трамп како вели дека сака да го купи Гренланд и сите се смееја, но Гренланд навистина има вистинска вредност“. Неколку дена подоцна, МекГро беше во Овалната соба со Трамп.
Некои акционери на Гринленд Енерџи се надеваат дека американскиот претседател ќе покаже сличен интерес за нивното истражување на нафта. Во посебна група на Телеграм, тие дискутираат што би можело да ја зголеми цената на акциите на компанијата. Тие се надеваат на она што го нарекуваат „Трампова пумпа“, или претседателска поддршка што би можела да ги збогати дури и пред да се најде капка нафта.