Сегашната ситуација во културата говори за целосно погазување на Колективниот договор и погазивање на правата на културните работници, велат во соопштение од СДСМ.
„И во интервју на министерот Љутков го слушнавме како кажа без срам за колективниот договор за Култура дека е незаконски а тоа е напад на достоинството и правата на сите културни работници во државата.
Колективниот договор не е проблем туку потреба за работниците и претставува законска обврска. Тој договор е резултат на борба на работниците, на дијалог и праведна политика на СДСМ кога беше на власт и кога платите во културата беа покачени а се исплаќаа редовно и со почитување на сите права на вработените.
Денеска за жал културните работници се без плата за месец март и празниците така ги поминаа, а гледаме дека никој не понесе одговорност. Ова е последица на неспособност и распиничко трошење и целосно потфрлање на министерот за култура и владата на ДПМНЕ.
Прашање е дали нападот на колективниот договор е најава за ново кратење на правата на вработените во културата и тоа по партиски терк. Неговата неспособност не е никакво оправдување.
СДСМ бара целосна исплата на мартовската плата, покачена според колективниот договор за културните работници и негово целосно почитување!“ – се вели во соопштението на СДСМ.