Магла и намалена видливост на превојот Ѓавато и во Крушево

Намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри утрово е евидентирана на планинскиот превој Ѓавато и во Крушево, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).

Според состојбата на патиштата, сообраќајот низ државата се одвива непречено, но по влажни коловози, додека интензитетот на возила на патните правци надвор од градските средини е умерен.

Се вчитува...

На граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања, а сообраќајот за влез и излез од државата се одвива без поголеми застои.

Од Диспечерско-информативниот центар на ЈП „Македонијапат“ соопштуваат дека слаб снег провејува на планинските превои Плетвар, Ѓавато, Буково и Пресека, како и во Крушево, но снегот во моментов не се задржува на коловозот.

Надлежните служби апелираат до возачите да ја приспособат брзината на движење кон условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно со возилата, особено на патиштата што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои зголемен ризик од одрони.